Премиерот на Косово, Албин Курти, следната недела ќе го посети Брисел и по тој повод ќе се состане со високи претставници на Европската Унија, соопшти Владата на Косово.
Владата на Косово вели дека за време на таа посета нема да има средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како што јавија косовските медиуми.
„Премиерот Албин Курти ќе го посети Брисел во средината на следната недела, каде ќе се состане со претставници на институциите на Европската унија. Нема да има средба меѓу премиерот Курти и господинот Вучиќ“, изјавил за Коха Нет, портпаролот на владата Перпарим Кризеиу.
Последниот sostanok меѓу Косово и Србија беше во септември минатата година, кога се сретнаа претседателот Вучиќ и поранешниот косовски премиер Авдулах Хоти.
Приштинскиот портал „gazetablic.com“ синоќа објави, повикувајќи се на меѓународни извори, дека српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти ќе се состанат во Брисел следната недела.
Според порталот, Вучиќ ќе патува прв во Брисел, по што ќе следи косовскиот премиер Албин Курти.
„На состаноците ќе разговараат за можноста за продолжување на дијалогот и создавање рамка за овој процес“, рекол изворот на порталот.