Косовскиот премиер Албин Курти денеска повтори дека целта на дијалогот со Белград треба да биде постигнување правно обврзувачки договор заснован на взаемно признавање.
На средбата со претставникот на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак и со претставниците на Германија и Франција, Јенс Плетнер и Емануел Бон, Курти рече дека Косово покажало „волја и подготвеност да се вклучи во принципиелен и добро подготвен дијалог“.
„Премиерот повтори дека целта на дијалогот, од кој треба да имаат корист граѓаните на двете земји, треба да биде постигнување правно обврзувачки договор, со взаемно признавање во центарот“, се вели во соопштението на косовската Влада.
На средбата се разговарало и за чекорите што треба да ги преземат земјите од Западен Балкан за нивната европска перспектива „да стане реалност“.
По двочасовната средба со Курти, Лајчак рече дека разговарале за начините за подобрување на дијалогот, но не зборувале за детали.
Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон во заедничкото писмо упатено до Курти и Вучиќ објавија дека ги ангажирале нивните советници Плетнер и Бон да го поддржат дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
Лајчак, Бон и Плетнер, како што претходно најави Претседателството на Србија, во 18 часот во Белград треба да се сретнат со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.