Нема да има погром, изјави Албин Курти, премиерот на Косово, во Приштина на прес-конференцијата што ја одржа по седницата на Владата.
„Сите овие приказни за употреба на сила, погроми, ликвидација на Срби, се обиди преку страв да се владее со Србите на Косово. Но, на Србите во Косово подобро им е на Косово отколку во Србија. Косово е демократска држава, додека Србија е автократија каде што нема слобода на медиумите“, рече Курти на српски, одговарајќи на новинарско прашање.
На 15 август, Александар Вучиќ, претседателот на Србија, испрати порака до косовските власти алудирајќи на наводен план за предизвикување насилство на северот на Косово.
„Не сметајте на тоа дека ќе можете да извршите погром и да го протерате нашето население“, рече тој тогаш.
Вучиќ, инаку, во неколку наврати тврдеше дека косовските власти планираат да предизвикаат насилство на Косово, но за таквите тврдења не даде докази или детални информации.