Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, кој вчера беше едногласно изгласан од членовите на Генералниот совет на движењето Самоопределување за носител на мандатот за формирање нова влада, во својот долг говор зборуваше и за безбедносниот аспект, каде што рече дека над една милијарда евра ќе бидат издвоени за тамошната војска во следниот мандат и најави развивање и производство на воени дронови „Made in Kosovо“ (произведени во Косово).
„За нашата армија во четирите години од следниот мандат ќе издвоиме буџет од над една милијарда евра. Ќе ја продлабочиме и прошириме меѓународната билатерална и мултилатерална соработка со земјите-членки на НАТО. Функционирање на фабриката за муниција и развој на косовската воена индустрија. Ќе развиваме и воени дронови „Made in Kosovо“, детално објаснил Курти, пренесува „Reporteri.net“.
Понатаму во својот говор истакнал и дека зајакнувањето на армијата ќе се постигне преку купување оружје, обука и образование во земјата, а во соработка со Албанија и најистакнатите воени академии во земјите-партнери.
„Ќе создадеме заедничка воена единица со вооружените сили на Република Албанија. Регрутирањето на нови кадети ќе продолжи со забрзано темпо. Нашата цел е да имаме 1.000 жени и девојки од војската во рамките на новиот мандат“, навел в.д. премиерот на Косово.
Според него, „сеопфатна програма за заштита ќе се спроведува низ целата земја“.
„Според оваа програма, секој резервист волонтер ќе има соодветна обука и оружје во случај на мобилизација“, додал Курти.