Премиерот на Косово во технички мандат, Албин Курти, за време на отворањето на патот Горожуп-Погај оцени дека поврзувањето со Албанија, покрај историско и духовно, мора да биде и физичко.
Патот Горожуп-Погај, долг 3,7 километри, е проект кој е дел од договорот потпишан меѓу Косово и Албанија, вреден речиси еден милион евра.
На церемонијата на отворањето присуствуваше Курти, кој истакна дека новиот пат, кој го поврзува Косово со Албанија, е важен за жителите на ова подрачје.
„Ова е мал дел од големиот долг што го должиме на оваа заедница, која даде многу за економскиот развој и нашата национална историја. По завршувањето на патот Крстач-Пакишт-Запод, кој вредеше 2,6 милиони евра, овој пат што го отворивме денес, Горожуп-Погај, вреди близу еден милион евра и е долг 3,7 километри. Ги поврзува овие села, Горожуп и Погај, кои историски биле едно и кои ги обединува семејството, традицијата и секојдневниот живот. Значи, нашата врска со Албанија, покрај историската и духовната, мора да биде и физичка, а токму овој пат што го отвораме денес е доказ за конкретни чекори во вистинската насока“, рече Курти, соопшти Владата на Косово.