Без разлика на настаните за време на викендот, работата на институциите на север продолжува, изјави косовскиот премиер Албин Курти.
Неговиот коментар доаѓа по одлуката на претставниците на српската заедница во Косово да се повлечат од работата на институциите во Косово поради одлуката на Владата да започне со менување на регистарските таблички на северот од земјата.
– Институциите продолжуваат со својот ангажман за пререгистрација на регистарските таблички“, рече Курти. Тој нагласи дека во последните денови се зголемени заканите и напорите на Србија и претседателот Александар Вучиќ за дестабилизација на ситуацијата на Косово.
„Овие закани се насочени пред се кон граѓаните на нашата земја со сеење страв и паника“, рече тој и додаде дека Вучиќ во саботата се сретнал со амбасадорите на Русија и Кина.
„Она што сега се случува најдобро ги објаснува напорите на Белград да се спротивстави на француско-германскиот план. Не се работи за мeрките, ниту за заедницата, ниту за суспензијата на Ненад Ѓуриќ. Станува збор само за одбивање на Србија да го признае предлогот на Париз и Берлин“, рече Курти.
„Белград го отфрли француско-германскиот план и сега прави драма за да го маскира одбивањето“, нагласи косовскиот премиер.
Тој ја обвини Србија дека го саботира дијалогот и каков било договор. „Ова не е патот кон мир, соработка или градење добрососедски односи. Таквите напори ќе бидат неуспешни затоа што нашата земја е силна и демократска“, рече Курти, додавајќи дека припадниците на српската заедница се во опасност од „Белград, кој им ги гори возила и куќи“.
Запрашан за формирањето на Заедницата на општините со мнозинско српско население, Курти рече дека на ова прашање одговара веќе девет години и дека нема нов одговор „на старите прашања“. Курти инаку е против формирање, како што го нарече, моноетничка заедница на Косово.