Косовскиот премиер Албин Курти одговори на обвинувањата на тамошната опозиција поради доцнењето на спроведувањето на одлуките за регистарски таблички и лични документи, посочувајќи дека спроведувањето на овие одлуки се чекало 11 години, а сега проблемот е доцнење од еден месец.
Како што пренесуваат косовските медиуми, Курти повторил дека Белград развил „дива кампања за дезинформации“ и дека тоа е главната причина што го одложил спроведувањето на две владини одлуки.
„Она што требаше да се случи пред 11 години, сега почнуваме да го спроведуваме. Чекавме 11 години, додека сега брзањето е дека не можеме да чекаме ни помалку од еден месец. Поради големата кампања за дезинформации што ја спроведува Белград, се договоривме со меѓународните фактори спроведувањето на одлуката да се одложи за септември. Во околностите во кои се наоѓаме, ја донесовме најдобрата можна одлука. Подобро 1 септември отколку никогаш. И уште подобро ќе беше да се спроведуваше од 2011 година, кога беше постигнат договорот во Брисел“, рекол Курти во Собранието на Косово.
Курти посочи дека одлуката за регистарски таблички и лични карти била координирана со меѓународните партнери.
„Со овие одлуки ќе се трансформира и менувањето на регистарските таблички од времето на Милошевиќ (Слободан). Дополнително, мора да има идентификација за граѓаните кои влегуваат во Косово, истото е случајот и во Србија за граѓаните на Косово. Издадовме повеќе од 2.000 документи. Го прифативме предлогот на меѓународната заедница да се одложи оваа одлука поради дезинформации од Србија“, нагласи косовскиот премиер.
Тој изјави дека Косово е решено да продолжи да ја спроведува одлуката за реципрочни мерки од 1 септември.
„Се зборуваше за ужасот што ќе ги снајде Србите на север, кои за кратко време успеаја да подигнат девет барикади. Со работа и посветеност добро го завршивме. Пред само една година, кога граѓаните на Косово сакаа да влезат Србија, мораа да платат пет евра, а сега веќе не плаќаат.Можеби ќе има тензија понатаму, но ние сме решени да одиме напред и да имаме поддршка од меѓународната заедница.Видовме дека на 31 јули српска паралела структурите се способни да предизвикуваат конфликти“, додаде Курти.
Одговарајќи на повиците на лидерот на АБК Рамуш Харадинај, Курти истакна дека пред четири години во неговиот кабинет седел потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ.
„Никогаш немало поголема борба против криминалот и корупцијата на север како сега. Пред четири години главниот криминалец беше во кабинетот на премиерот, а денес се бара и е на црната листа на САД. Тој дојде на север поради видеото, а сега е во Србија.Ова е голема разлика. Не продавајте патриотизам и морал затоа што добро ве познаваме“, рече Курти Харадинај.