Слабите обвиненија на обвинителите дозволуваат сторителите често да останат неказнети, рече косовскиот премиер Албин Курти во врска со случајот со силувањето на единаесетгодишно девојче.
Косовскиот премиер откри нови детали во врска со овој случај.
Курти во објава на Фејсбук потврди дека се уапсени петмина осомничени за ова кривично дело и наведе дека еден од нив издржува казна за повеќе претходно сторени кривични дела, пренесува КоССев.
Токму затоа, како што вели Курти, оставка поднел директорот на Управата за третман на затвореници и малолетници. Потсетувајќи дека и генералниот директор на косовската полиција поднесе оставка, исто така од морални причини, а само еден ден откако јавноста стана запознаена со овој случај, Курти сега вели дека „две оставки не се доволни“.
Тој денеска откри дека поради овој случај од должност се разрешени директорот на регионалната полиција во Приштина и директорот за операции во регионалната дирекција на Приштина. Заедно со прашањето каде е моралот на судиите и обвинителите, Курти нагласува дека токму нивните слаби обвиненија овозможуваат сторителите често да останат неказнети.
„Судовите не судат случаи на силување во согласност со постоечките закони кои предвидуваат минимална казна од 10 години за сексуално насилство врз лице помладо од 14 години“, напиша Курти на Фејсбук.
Неказнувањето на сторителите, но и на оние што одлучуваат, го оцени како неприфатливо.
„Нашето општество и држава не можат да ја поднесат цената на неработењето и неодговорноста на обвинителите и судиите“, заклучи Курти.
Тој најави и поблиска соработка меѓу косовската полиција и граѓаните. Курти потсети и дека во средата се собрале илјадници граѓани, како што наведува, барајќи разрешување на судиите кои изрекувале казни под законски дозволените за случаи на сексуално насилство, како и разрешување на обвинителите поради запоставување на овие случаи.
Истовремено, тој рече дека истиот ден косовската министерка за правда Аљбуљена Хаџију се сретнала со претседавачот на Судскиот совет, претседателот на Врховниот суд и в.д. главниот обвинител, но дека „денес е трет ден како овие институции молчат“, односно дека засега не прецизираат што ќе прават.