Курти по експозијата кај езерото Газивода: На Србија не ѝ одговара воспоставената нормалност

од Илинка Илиоска
33 прегледи

Косовскиот премиер Албин Курти, во реакција по експлозијата кај езерото Газивода (Ујамн) на косовскиот север, порача дека безбедносните институции ќе ги изведат пред лицето на правдата авторите на тој криминален напад.

Курти на својата страница на Фејсбук напиша дека „на Србија и одредени нејзини пријателски кругови не им одговара воспоставената нормалност“ на северот на Косово.

– Губејќи го влијанието во оваа област, нервозата станува агресивност. И разните криминални групи, повеќе или помалку поврзани со неа, ја изгубија можноста за огромни заработивачки што ги имаа повеќе од две децении од ослободувањето на Косово. Ова за нив е болно и тешко прифатливо, напиша Курти.

Косовскиот премиер додава дека единствениот пат е владеење на правото и јавниот ред.

Тој рече дека тој дел, езерото Газивода, „со неговиот потенцијал и убавина ќе го користат сите граѓани без разлика“.

– Но, друг начин нема. Владеењето на правото и јавниот ред, безбедноста и мирот се темелни вредности и заеднички интереси на општеството и граѓаните заедно со државата Косово. Несомнено, безбедносните институции, врз основа на современата професионалност и цврста волја, ќе го откријат актерот или актерите на овој криминален напад и ќе ги изведат пред лицето на правдата. Овој дел, како и сите останати делови на нашата земја, со својот потенцијал и убавина ќе го користат сите граѓани без разлика, рече Курти.

Експлозивна направа беше фрлена вчера во близина на вештачкото езеро Газивода (Ујман), при што немаше повредени, а беа оштетени два автомобили.

Езерото Газивода се наоѓа во северозападниот дел на Косово, додека помал дел се простира и во Србија.

Слични содржини