Косовскиот премиер Албин Курти рече дека Србија треба да се извини за „злосторствата извршени во Косово за време на војната“ за да се дојде до помирување.
На балканската лидерска конференција „Мир, безбедност и развој на Западен Балкан“, организирана од Универзалната мировна федерација, Курти рече дека злосторствата на Србија на Косово никогаш не треба да се заборават и дека треба да се бара правда, пренесе „Коха“.
„Сè би било поинаку доколку политичкиот и воено-полицискиот врв на Белград не наметнеше агресивна и геноцидна политика кон Албанците. Како резултат на тоа, Србија продолжи да врши злосторства кои им наштетија на двата народи и предизвикаа трагедија и хуманитарна катастрофа што никогаш не смееме да ги заборавиме, туку да бараме правдата да биде задоволена и да се дојде до извинување и признавање на злосторствата за да се дојде до помирување“, рече Курти.
Премиерот рече дека кревкиот сегашен мир и трајниот мир во иднина се уште се загрозени од тенденции кон замрзнат конфликт, кон сеопфатно блокирање на процесот на нормализација, развој, демократизација, зближување, соработка и интеграција, сето тоа поради „реваншистички и ретроградни потфати“.
„Нашиот народ сака безбедност и фер и инклузивен развој“, рече Курти.