Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефери Хувение, е многу посветен на изнаоѓање решение за проблемот со регистарските таблички што Србија ги издава за градовите во Косово.
Станува збор за таблички КМ (Косовска Митровица) кои се користат во општините на север, Севрна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток. Овие таблички се нелегални за Косово бидејќи нивното укинување беше договорено пред десет години со Бриселскиот договор како дел од дијалогот.
„Неговата улога е секогаш конструктивна, позитивна, креативна. Тој дава се од себе, како и САД, особено амбасадорот Хувение. Тие се во контакт со Брисел“, рече Курти.
На барање на САД, косовскиот премиер го одложи за уште 48 часа спроведувањето на втората фаза од планот за пререгистрација на возила со таблички РКС (Република Косово). Според планот на Владата на Косово, во втората фаза требаше да им се изречат казни од 150 евра на возачите со српски регистарски таблички.
„САД сакаат уште 48 часа за да може приближувањето (позициите) да се претвори во договор денес или утре. Ние даваме се од себе. Мислам дека не е време да се зборува за ново одложување, треба да се зборува за максимален интензитет да имаме договор во рок од 48 часа како што сакавме во Брисел, не ограничувајќи се на прашања како што се регистарските таблички“, рече Курти.
Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Хувение, претходно изјави дека побарал да се одложи изрекувањето на пресудата за да се ангажираат европски и американски посредници за Косово и Србија да се договорат.
Ова барање на САД пристигна по неуспешните разговори во Брисел меѓу премиерот Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ на 21 ноември.
Курти рече дека не бил во контакт со европските претставници во врска со проблемот со регистарските таблички од осумчасовната средба на 21 ноември.
Меѓу другото, Курти повтори дека шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, се откажал од француско-германскиот предлог и од предлогот на Европската унија за нормализација на односите меѓу двете страни, наведувајќи дека не е доволно да се зборува само за регистарски таблички.
Според неговото мислење, сега е неопходно да се „поправат грешките на Борел“.
„Голема грешка е да се откажеме од разговорите за нормализација на односите и лидерите, претседателот на Србија и јас како премиер на Косово да разговараме и да се договориме само за регистарските таблички, за кои, искрено, ниту тој во Србија ниту јас во Косово сме надлежни“, изјави Курти.