Косовскиот премиер Албин Курти денеска во Собранието зборуваше за договорот меѓу поранешниот претседател Хашим Тачи и НАТО, со кој властите во Приштина се обврзаа дека КБС нема да оди на север од реката Ибар без договор со командантот на КФОР, пренесе „Економија онлајн“.
Тој додаде дека таквиот договор е штетен и не може да се коригира на само еден состанок.
„Го предадов случајот на Обвинителството и сега го разгледуваат, но не грижете се, односите меѓу Косово и НАТО ќе се продлабочат. Јас одговорив дека тоа е штетен договор и жално е што го наследивме, но не може да се реши со само една средба со НАТО“, одговори Курти на прашањето на пратеникот од редовите на ДПК Фадил Нура, кој побара од премиерот да каже дали го поддржува таквиот договор или не.
Да потсетиме, поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, во 2013 година од позицијата премиер му вети на НАТО дека КБС нема да оди на северот на Косово, без согласност на КФОР.
Како што пишуваа медиумите во 2019 година, повикувајќи се на изворите во седиштето на Алијансата, во тој поглед има размена на писма помеѓу тогашниот премиер Хашим Тачи и поранешниот генерален секретар Андреас Фог Расмусен.
„Во основа, тогашниот премиер Тачи се обврза дека КБС нема да оди на север од реката Ибар без договор со командантот на КФОР“, објасни еден претставник на НАТО.