Курти: Српските институции виновни за неплаќањето струја што нè чини 320 милиони евра

од Nikola Popovski
120 прегледи

Од 1999 година, паралелните структури на северот на Косово, под контрола на Србија, ги чинат граѓаните и даночните обврзници во остатокот од Косово 320 милиони евра во неплатени сметки за струја и 17 милиони евра во неплатени сметки за вода, напиша денес на Твитер косовскиот премиер Албин Курти.

Паралелните структури, наведе, не дозволуваат наплата на струја и го попречуваат спроведувањето на договорот за енергетика, кој не беше постигнат во дијалогот пред 10 години.

Курти изјави дека во изминатата деценија, потрошувачката на електрична енергија во северните општини е зголемена за повеќе од 70 проценти поради копањето криптовалути.

Според неговите тврдења, од 1999 година, Косово изгубило повеќе од 300 милиони евра поради акциите на Србија, како што се задржувањето на давачките за пренос на електрична енергија и плаќањето на ДДВ.

-Дури и сега, одбивањето на Белград да дозволи трговија со електрична енергија го чини Косово 10 милиони евра месечно, истакнува Курти.

-Нашите граѓани во северните општини не се одговорни за тоа и не треба да се обвинуваат за таа неправда. Тие разбираат и прифаќаат дека е нормално да се плаќа за основните потреби, како струја и вода и дека тоа е неопходно за да се обезбеди подобра услуга, додава Курти.

Тие,прецизира тој, имаат право на пристап до тие услуги и право да живеат слободно, без организиран криминал, притисоци и закани од паралелни илегални српски структури.

-Владата што ја предводам е посветена на подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани на Косово, за да им ја обезбеди слободата, безбедноста и сигурноста што ја заслужуваат, заклучил Курти.

Слични содржини