Премиерот на Косово, Албин Курти, на форумот „Глобсек“ во Братислава изјави дека е конструктивен и креативен во дијалогот со Белград, под покровителство на Брисел, и дека е потребен принципиелен дијалог меѓу две рамноправни страни, со, како што наведе, договор заснован на меѓусебно признавање.
Курти го рече ова при учеството на панелот заедно со претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, пратеникот на ЕУ Мирослав Лајчак, британскиот пратеник Стјуарт Пич и премиерот на Северна Македонија – Димитар Ковачевски.
Курти, исто така, ги повтори обвинувањата кон Србија за геноцид.
– За жал, Србија вели дека никогаш нема да не признае и дека нема да ги признае злосторствата од минатото, а второто не боли повеќе од првото – рече тој.
Курти изјави дека и покрај негирањето на злосторствата и геноцидот од Србија, Приштина се обидува да постигне договор со специјалниот пратеник Лајчак за регистарските таблички, врз основа на реципроцитет, пренесе „Косово онлајн“.
Косовскиот премиер посочи и дека верува „дека ЕУ е нивна судбина“.
– Европа е наш континент, Косово е успешна приказна и со нетрпение го очекуваме позитивниот одговор на Советот на Европа кога станува збор за нашата апликација за членство – рече Курти.