Кузеска: Спорно именувањето на Трпковска во АЕК, власта да ја повлече одлуката, а ДКСК да отвори предмет по допрен глас

од Илинка Илиоска
110 прегледи

СДСМ обвинува за нов случај на партизација и неправилности во изборот на член на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), посочувајќи ја Анкица Трпковска како пример за несоодветно и спорно назначување.

„Со ова назначување, власта на Мицкоски и ДПМНЕ спроведува груба партизација на институција која треба да биде независна. Станува збор за лице со блиски релации со функционерите на власта, што претставува класичен пример на ухлебување,“ изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција.

СДСМ истакнува дека Трпковска се води како сопственичка на фирма што била поврзана со спорниот проект за катна гаража кај Собранието, додека нејзиниот адвокат бил Панче Тошковски. „Дали блиските семејни релации со адвокатот се причината за нејзиното назначување? Ова отвора сомнеж за потенцијален конфликт на интереси,“ додаде Кузеска.

Дополнително, партијата посочува дека Трпковска нема соодветни квалификации за позицијата. „Во нејзината биографија наведува дека завршила високо образование по јавна администрација и магистер по правни науки, но тоа не е доволно. Според Законот за електронски комуникации, членовите на Комисијата мора да имаат посебни знаења и искуство од областа на електронските комуникации, што таа очигледно не ги поседува,“ потенцираше портпаролката.

СДСМ повика на итно повлекување на одлуката за назначување на Трпковска, а истовремено упати апел до Државната комисија за спречување на корупција да отвори предмет по допрен глас.

„Со вакви назначения, власта на Мицкоски и ДПМНЕ ги осакатува институциите и ги става под партиска контрола. Ова не е изолиран случај, туку дел од поширок тренд на партизација во институциите, од АЕК до МВР и министерствата,“ предупреди Кузеска.

Таа заклучи дека ваквите скандали се доказ за непринципиелното управување на актуелната власт и ја повикува јавноста да ја следи темата со зголемено внимание.

Слични содржини