Бројот на заразени и починати секојдневно расте. Во моментов земјава е во екот на третиот бран на пандемијата на ковид 19. Засега на сила останува полицискиот час од 22-05 часот кој според надлежните се очекува да ги даде првите резултатите за една недела. Во однос на тоа каква ќе биде динамиката на растот на бројот на заболени, колку случаи на реинфекција има во земјава „Локално“ поразговара со д-р Гордана Кузмановска, раководителка на Секторот за контрола и превенција на заразни болести во Институтот за јавно здравје.
Согласно динамиката на бројките за заболени и умрени на дневно и неделно ниво, како и анализите на состојбата со ковид 19 наназад, се проценува дека сегашниот тренд на континуирано зголемување на бројот на заболени или во најдобар случај стабилизиран тренд на одржување на бројот на заболени и умрени ќе се одржува и во наредните недели, објаснува таа.
Кузмановска вели дека во моментов, Република Северна Македонија се наоѓа во фаза 4, која согласно категоризацијата на СЗО, означува широко-распространета трансмисија на вирусот во заедницата.
-Македонија најчесто ги применува документите и препораките кои ги објавува и постојано ги ажурира Светската Здравствена Организација, како и Европскиот Центар за Контрола на болестите. За смртен случај од ковид 19 се користи СЗО-Дефиницијата за смртен случај, согласно Меѓународен водич за сертификација и класификација на ковид 19 како причина за смрт, вели епидемиологот.
Досега во земјава по вторпат се заразиле 123 случаи
Согласно расположливите податоци на ИЈЗ, во периодот од појавата на првиот COVID-19 заболен во февруари 2020 година па до денес, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 123 случаи на реинфекција.
-Таа појава е забележана кај лица на возраст од 6 години до 81 година. Најголем број од повторно заразените (>80%) биле на возраст над 30 години. За 9 лица имаме податок дека биле хоспитализирани, а за 44 дека биле на домашно лекување. Од вкупниот број на реинфекции – 123, починале 3 лица на возраст од 63, 68 и 77 години. Во однос на клиничката слика, ИЈЗ не располага со релевантни податоци за целото времетраење на болеста, објаснува Кузмановска.
Таа вели дека тешко е да се даде одредена проценка за тоа како понатаму би се развивала епидемиолошката ситуација со ковид 19 во земјава.
-Согласно динамиката на бројките за заболени и умрени на дневно и неделно ниво, како и анализите на состојбата со ковид 19 наназад, се проценува дека сегашниот тренд на континуирано зголемување на бројот на заболени или во најдобар случај стабилизиран тренд на одржување на бројот на заболени и умрени ќе се одржува и во наредните недели, вели таа.
Кога треба да се тестираме?
Д-р Гордана објаснува дека лицата кои имале контакт со позитивно лице не треба веднаш да се тестираат.
– Согласно стратегијата за тестирање која се применува во нашата земја, се тестираат само лица кои пројавиле симптоми на COVID-19 или по епидемиолошка проценка /индикација. Лицата кои имале контакт со позитивно лице не се тестираат, освен ако не добијат симптоми.Оние кои сакаат да направат тест на своја рака, не треба да се тестираат веднаш. Најоптимално време да го направат тоа е 7 дена по контактот со позитивно лице, вели таа.
Прележаната болест не е контраиндикација за вакцинација
-Од досегашните сознанија за вирусот и за времетраењето на имунолошкиот одговор по прележана болест, не може со сигурност да се каже дали лицата кои прележале ковид-19 се заштитени и колку долго од повторно заразување. Сепак, се смета дека лицата кои прележале ковид 19 и имаат антитела, до 3 месеци (по некои извори и до 6 месеци) по прележувањето немаат потреба од примање вакцина, кажува Кузмановска.
На прашањето кога пациентите можат да проверат дали имаат антитела и колку време траат по прележаниот ковид 19, епидемиологот објаснува дека антителата во организмот се создаваат по третата недела од почетокот на болеста.
-Кај лица кои заболеле од ковди-19 создавањето на антителата започнува некаде по втората недела, но се смета дека треба да поминат најмалку 3 недели по почетокот на болеста за резултатите да бидат валидни. Иако деталните корелации при стварање на имунитет не се целосно познати, сегашните докази покажуваат дека развојот на антитела по инфекцијата веројатно дава одреден степен на имунитет од последователна инфекција најмалку 3 месеци, вели др. Кузмановска.
Б.М.