Квартал од соништата за автомобилската индустрија

од Vladimir Zorba
235 прегледи

Иако светската економија почна забележливо да попушта во третиот квартал од оваа година, а геополитичката ситуација беше исклучително лоша, водечките светски производители на автомобили имаа „квартал од соништата“, според консултантската куќа Ернст и Јанг (EY).

Понудата на полупроводници полека се подобрува, додека продажбата на скапи модели од премиум сегментот расте, наведува агенцијата во новата студија.

Отежнувачките фактори, сепак, ќе почнат да влијаат и на автомобилската индустрија, рече Питер Фус, еден од консултантите во EY.

„Сега гледаме дека голем дел од потрошувачите на важните пазари се соочуваат со сериозен пад на куповната моќ. Тоа значи дека се помалку луѓе можат или сакаат да купат нов автомобил“, рече Фус.

Малку е веројатно дека производителите на луксузни автомобили, за разлика од другите, ќе учествуваат во битката за клиенти преку попусти. Од јули до септември оваа година, 16 набљудувани компании постигнале рекорден вкупен профит и продажба, се наведува во студијата.

Далеку пред сите беше Mercedes-Benz со 5,2 милијарди евра оперативен профит, пред Volkswagen со 4,7 милијарди, додека BMW е на петтото место со 3,7 милијарди. Од друга страна, најголемиот светски производител Toyotа забележа пад на профитот од цели 25 отсто.

Дури и на неодамна воздржаниот кинески пазар, продажбата почна да се подобрува, со раст од 28 проценти во споредба со 2021 година и по период на рецесија.

Mercedes забележа најголем пораст во Кина, од 67 отсто. Сепак, компанијата со седиште во Штутгарт неодамна мораше да ги намали цените за некои модели таму.

„Розите не цветаат во Кина долго време, пазарот е многу конкурентен и баран“, рече Фус.

Слични содржини