Претседателот на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи, се сретна со специјалниот претставник на Европската унија за дијалог, Мирослав Лајчак, на кого му ја пренел резервираноста на неговата партија во однос на планот на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.
Красниќи на прес-конференцијата, по разговорот со Лајчак, рече дека е загрижен бидејќи европскиот план не предвидува меѓусебно признавање на Косово и Србија, пренесува „Анадолија“.
„Отсекогаш сме биле поддржувачи на процесот на дијалог, чекајќи го заклучокот што го носи конечниот договор со взаемно признавање. Ова не беше само нашиот став, туку и пристапот на меѓународните партнери. За жал, она што денеска го имаме на маса е привремен договор не со взаемно признавање, туку со Заедницата во центарот“, рече Красниќи на прес-конференцијата.
Лидерот на најголемата опозициска партија смета дека без меѓусебно признавање може да има само продолжување на дијалогот. Тој оцени и дека за ова е одговорен премиерот Албин Курти, кој за две години не успеал да ги убеди меѓународните сојузници да го поддржат Косово во остварувањето на неговите национални цели.
Красниќи додаде дека ПДК не е против заедницата на општини со српско мнозинство, што е во согласност со Уставот на Косово, но посочи дека некои членови од европскиот договор излегуваат надвор од заедницата и Уставот.