Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, до официјална Приштина доставил нов предлог од Брисел за решавање на кризата на северот, дознава РСЕ од дипломатски извори.
Овој предлог, наводно, бил примен од главниот преговарач на Косово, Бесник Бислими на средбата што ја одржал со Лајчак во Брисел во вчера.
Европската страна сега чека одговор – дали косовските власти го прифаќаат новиот предлог.
Иако нема многу детали за тоа што е содржано во последниот предлог, извори од РСЕ потврдија дека се се прави со цел да се најде барем привремено решение, за да се избегне ескалацијата што може да дојде од 21 ноември, кога косовските власти ќе почнат да издаваат казни за сопствениците на возила со српски регистрации во Косово.
Како што е познато, не е исклучена можноста еден од можните елементи во последниот предлог да биде одложување на примената на издавањето глоби за одреден временски период, иако „не мора“ на десет месеци.
Во случај Приштина да одговори потврдно на овој предлог, се очекува специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Миролав Лајчак, веднаш да замине во Белград со цел да се официјализира договорот на страните за решение на кризата.
Во понеделникот европскиот шеф на дипломатијата, Жосеп Борел оцени дека сегашните тензии на релација Белград-Приштина се „најсериозната криза од 2013 година“, и предупреди дека решението треба да се најде пред 21 ноември.
ЕУ во неколку наврати побара од Приштина да се откаже од издавањето на овие казни и побара одложување на спроведувањето на одлуката за укинување на регистарските таблички издадени од српските власти и кои ги користат српските граѓани на Косово, кои главно живеат на северот на земјата.