Со системски и одржливи решенија кои ќе бидат имплементирани што е можно поскоро, во соработка со полицијата и други надлежни институции, ние ќе ја вратиме безбедноста и сигурноста на центарските улици. Тие пред се, ќе бидат осветлени за да се зголеми и сигурноста на сите оние што се движат по нив, посочи кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ во интервју за „Локално“.
Тој додаде дека заедно со раководствата и родителите, училиштата ќе ги направат „образовни оази“, а не простори каде учениците се чувствуваат несигурно.
За сообраќајниот хаос, Лабудовиќ во интервјуто најави дека подготвуваат серија мерки кои, во координација со Град Скопје и МВР, ќе значат директен придонес во намалувањето на сообаќајниот хаос.
-Прво, со навремен и квалитетен јавен превоз како основен предуслов, потоа со нови и проширени сообраќајници, повеќе паркинг места итн. Тротоарите мора да бидат ослободени од возила, ред во паркирањето е еден од моите приоритети затоа што сите ние кои живееме во Центар сме сведоци дека пешаците и велосипедистите, а особено децата се дискриминирани, додаде Лабудовиќ.