Западните санкции сè уште се на сила во Русија, што предизвикува производството во одредени гранки да страда. Сепак, Русите се справуваат со овие околности најдобро што знаат и умеат, а од неодамна ја произведуваат Lada Niva без речиси никаква модерна опрема. Без странски добавувачи, тие не можат да инсталираат електронски системи, воздушни перничиња, ABS и се што вклучуваат модерните автомобили. Но, Niva се уште се произведува, а раководството на „Автоваз“ најавува натамошни планови со кои сака да ги зачува околу 42.000 работни места.
Деновиве соопштија дека на почетокот на 2023 година ќе започнат со производство и на седанот модел Vesta, во фабриката во градот Тољати во областа Самасрка. Таму ќе имаат капацитет да произведуваат до 60 од овие автомобили на час. Сегашниот капацитет во втората фабрика, таа во Ижевск, ќе се прошири од сегашните 32 автомобили на час, а во оваа фабрика ќе започне и пообемна модернизација.
Тоа треба да му овозможи на „Автоваз“ да започне со склопување на својот прв целосно електричен автомобил во блиска иднина. Во своите планови само истакнаа дека ќе се вика e-Largus и ја покажаа првата слика. Како што можете да видите на неа, се работи за преработен модел на Dacia Logan MCV, така што Lada e-Largus треба да биде семеен караван од среден сегмент, за што повеќе детали ќе бидат објавени подоцна.
e-Largus, според тоа, ќе ја наследи платформата B0 на Renault, на која, на пример, е изграден Duster на Dacia. Батериите ќе бидат поставени на подот, ќе биде овозможено брзо полнење, а руските медиуми пренесуваат дека новиот електричен модел ќе доаѓа во три варијанти: за 5 или 7 патници и како лесно комерцијално комбе. Се шпекулира дека би можел да има автономија до 400 километри, а под идеални услови би можел да се појави на пазарот во 2024 година.