Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, смета дека криптовалутите се „безвредни“ и дека треба да се регулираат за да се заштитат луѓето да не ги вложат своите животни заштеди во нив.
„Она што навистина ме загрижува кога станува збор за крипто средствата е дека тие инвестиции треба да ги направат луѓе кои се свесни дека можат да изгубат сè“, рече таа. Овие луѓе, рече таа, „немаат разбирање за ризиците, кој ќе изгуби се, а кој страшно ќе се разочара, поради што мислам дека треба да се регулираат“.
„Мојата скромна проценка е дека не вредат ништо, дека не се засноваат на ништо, дека не постои основен имот што би делувал како безбедносно сидро“, изјави Лагард за Блумберг.
Лагард претходно беше резервирана кога станува збор за криптовалутите, барајќи поголема регулација на биткоинот. Минатата година таа изјави дека не го смета биткоинот за вистинска валута, додавајќи дека централните банки нема наскоро да го чуваат во своите резерви, потсетува Business Insider.
Таа рече дека биткоин токенот се користел за некои „смешни работи“, вклучително и за перење пари.
На почетокот на мај имаше огромен пад на вредноста на криптовалутите, што ги наведе водечките пазарни „играчи“ да размислуваат за построга пазарна регулација.