Лагард: Последиците од војната со Иран ќе бидат долготрајни, се заканува инфлација

Претседателката на Европска Централна Банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, ја критикуваше изјавата на американскиот министер за финансии Скот Бесент дека економските последици од војната со Иран ќе бидат краткотрајни, пренесува Блумберг, повикувајќи се на извори

од Кристијан Димков
9 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/CNBC-TV18

Таа за време на затворен видео-повик со гувернери на централни банки, министри за финансии и министри за енергетика од Г7 истакнала дека последиците ќе се чувствуваат долго време „бидејќи веќе е уништено премногу“, наведуваат изворите.

Бесент инсистирал дека кризата на пазарот на нафта, предизвикана од затворањето на Ормускиот теснец, е привремена, тврдејќи дека пазарот е добро снабден и дека теснецот меѓу Иран и другите земји од Заливот треба повторно да се отвори во догледно време.

Лагард претходно навела дека ЕЦБ предвидува инфлацијата да достигне врв од 6,3 проценти, што е прогноза базирана на сериозни нарушувања во снабдувањето со енергија кои ќе траат до крајот на 2026 година и на значително дополнително уништување на инфраструктурата.

„Се соочуваме со вистински шок – тоа веројатно е над она што можеме да го замислиме во овој момент“, изјавила Лагард во интервју за „Економист“.

Кога станува збор за експлоатација на нафта, рафинерии и дистрибуција, таа предупреди дека „премногу веќе е оштетено и нема начин тоа да се обнови за неколку месеци“.

Разговорот со Бесент не е нејзин прв судир со американски функционер оваа година, потсетува Блумберг.

Во јануари таа го напуштила говорот на американскиот министер за трговија Хауард Латник на Светскиот Економски Форум, бидејќи сметала дека неговата антиевропска реторика е „претерана“.

Земјите од Г7 соопштиле дека се подготвени да преземат „сите неопходни мерки“ за да ја зачуваат стабилноста и безбедноста на енергетскиот пазар.

Блумберг наведува дека овие несогласувања ги одразуваат растечките тензии меѓу САД и Европа во услови на раст на цените на енергијата и ризици за логистиката. Според агенцијата, инфлацијата во еврозоната во март се забрзала со најбрзо темпо од 2022 година.

Во соопштението по видео-повикот, учесниците од Г7 ја истакнале подготвеноста да преземат неопходни мерки за одржување на стабилноста и безбедноста на енергетскиот пазар, како и важноста од координирана акција за ублажување на последиците од заливската војна и заштита на глобалната економска стабилност, пренесува агенцијата, според Танјуг.