Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак оцени дека настаните на северот на Косово се апсолутно непотребна и нелогична ескалација, нагласувајќи дека преку постоечкиот дијалог е можно само политичко решение.
Лајчак за DW, на прашањето колкав удар е ова што се случува за напорите за воспоставување мир меѓу двете страни, рече дека по многу, многу месеци преговори се постигнати два важни договори – во февруари договор за патот до нормализација на односите, а потоа во март во Охрид и анекс за имплементација.
„Тоа значи дека имаме пат кон нормализација, имаме програма која јасно се занимава со сите отворени прашања. Почнавме да го спроведуваме тој документ и потоа се случи ова, што е сосема непотребно, но за жал предизвикува многу сериозни проблеми“, рече Лајчак.