Лајчак и Шолц со Вучиќ и Курти во Берлин

од Vladimir Zorba
240 прегледи

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти се во Берлин каде ќе имаат заедничка средба со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак и германскиот канцелар Олаф Шолц.

„На покана на канцеларот Шолц, специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак ќе отпатува во Берлин за да се сретне со канцеларот, а потоа ќе одржи посебна неформална средба со претседателот Вучиќ и премиерот Курти“, рече Петер Стано, портпарол на ЕУ за надворешна политика и безбедност, известува Бета.

Германскиот амбасадор во Приштина, Јорн Роде рече дека разговорите ќе се фокусираат на координирање на одговорот на рускиот напад врз Украина, политичките и економските односи и регионалната соработка.

Состаноците го поддржуваат и дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, рече Роде, пренесе ФоНет.

Средбата во Берлин ќе биде прва средба меѓу Вучиќ и Курти од јули минатата година, кога се сретнаа во рамки на „бриселскиот дијалог“.

Вучиќ и Курти минатото лето се сретнаа во два наврати, но двете средби завршија со меѓусебни обвинувања и не доведоа до резултат.

Српскиот претседател во пресрет на средбата во Берлин изјави дека е нервозен и дека не очекува лесен разговор, пренесе Танјуг.

„Тоа значи дека, ако ништо друго, ќе настапам на многу одговорен начин. Сигурно не очекувам лесен разговор“, истакна Вучиќ во изјавата за новинарите во Александроплис.

Слични содржини