Лајчак: Има многу мала доверба меѓу Белград и Приштина

Лајчак смета дека нема ризик од нов конфликт на Балканот, иако има тензии, но дека нема потенцијал за конфликти и посочи дека меѓународните мисии се распоредени и на Косово и во БиХ.

од Бети Божиноска

Специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека кога станува збор за стратегијата за дијалог во следните месеци, двете страни пред се треба да ги нормализираат односите.

„Европската унија го олеснува процесот. Многу е важно да се започне пред европските избори, бидејќи тогаш ЕУ влегува во период на транзиција. Тогаш и САД ќе излезат на избори. Нема да биде погоден момент за носење одлуки“, нагласи Лајчак за италијанска „Ла стампа“.

Во дијалогот и понатаму се разговара за низата чекори за спроведување на т.н договор од Охрид и неговиот анекс затоа што нивото на доверба меѓу Белград и Приштина е многу ниско, рече Лајчак и додаде дека подобар договор од тоа нема и затоа е неопходно да се фокусираат на неговата имплементација.

Тој оцени и дека бил постигнат напредок и кога Србите на северот на Косово ја почнале процедурата за повторување на изборите во четирите општини со српско мнозинско население.

Лајчак смета дека нема ризик од нов конфликт на Балканот, иако има тензии, но дека нема потенцијал за конфликти и посочи дека меѓународните мисии се распоредени и на Косово и во Босна и Херцеговина.

Тој посочи дека атмосферата во Брисел е променета и дека ЕУ ја отвори вратата за проширување, вклучувајќи го и регионот на Западен Балкан.

„Атмосферата во Брисел и во земјите-членки навистина се промени. Земјите членки сега се сериозно заинтересирани за проширување. Вратите се отвораат. Сега се работи за искористување на таа можност. Тоа е геополитичко прашање за Европа. Без балканскиот регион, интеграцијата не е целосна“, рече специјалниот пратеник ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина.

Одговарајќи на прашањето дали има некој што може да го запре косовскиот премиер Албин Курти „бидејќи ниту на Американците не им успева тоа“, тој рече дека верува оти Курти нема да го одведе Косово во изолација.

„САД се на иста линија со нас. Курти знае. Тој знае какви се очекувањата. Знае дека за Косово е исклучително важно да има силна меѓународна поддршка. Не се сомневам дека тој ќе биде доволно одговорен за да не ја става својата земја во опасност од изолација. Затоа ги носи вистинските заклучоци“, заклучи Лајчак.

Слични содржини