Имаме голем замав за интеграција на Западен Балкан во ЕУ и регионот треба да го искористи без одлагање, објави на својот Твитер профил, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Србија-Косово, Мирослав Лајчак, кој учествуваше на Форумот за односите меѓу Европската унија и Балканот во Софија.
Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола претходно денеска на тој форум изјави дека Србија сериозно заостанува кога е во прашање усогласувањето со надворешната политика на Европската унија.
Форумот во Софија ги собра водачите на ЕУ, министрите за надворешни работи, истакнати јавни личности и политичари за да разговараат за чекорите за подобрување на регионалната соработка и интеграцијата во ЕУ, соопштија организаторите.
Целта на форумот, како што наведоа, е да се нагласи поврзаноста меѓу земјите од Западен Балкан, како гаранција за отпор на ризици и закани.
Форумот беше организиран од Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ) во соработка со Европскиот либерален форум (ЕЛФ) и Атлантскиот клуб на Бугарија (АЦБ).