Договорот за Заедницата на српските општини (ЗСО) мора да се спроведе, но ниту еден разумен човек не сака „Република Српска“ на Косово, изјави специјалниот пратеник на ЕУ за српско-косовскиот дијалог Мирослав Лајчак.
Лајчак во интервју за „Газета експрес“ рече дека Косово и Србија треба да исполнат се што е договорено досега во Брисел. Тој додаде дека Србија има право да ги поднесе своите предлози за ЗСО, но дека Косово нема да биде принудено да потпише ништо што смета дека е штетно. Тој посочи и како ЕУ гледа на формирањето на ЗСО, пренесува „Косово онлајн“.
„Не сакаме уште една Република Српска. Ниту еден здрав човек, особено со оглед на моменталната ситуација во Босна и Херцеговина, не би предложил такво нешто“, наведува Лајчак, но не прецизираше какви овластувања треба да има ЗСО.
Лајчак истакна и дека нема краен рок за конечен договор, но додаде дека доколку има волја, тој може да се постигне во рок од неколку месеци.