Лајчак по средбата во Брисел: Со договорот ќе треба да се позанимаваат лидерите

Српската делегација инсистирала да се формира Заедница на српските општини бидејќи целосно го решава финансирањето на српските институции што е предвидено во договорот,

од Бети Божиноска
237 прегледи

Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, по новата рунда дијалог во Брисел денеска најави дека е договорено разговорите да продолжат следниот понеделник.

Тој на социјалната мрежа „Х“ напиша дека лидерите ќе треба да се позанимаваат со Договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

„Им бев домаќин на двајцата главни преговарачи за да разговараме за имплементацијата на Договорот за патот за нормализација и за други прашања, вклучително и влијанието на одлуката за готовинското плаќање. Се договоривме да продолжиме со ова прашање следниот понеделник, додека со договорот ќе треба да се позанимаваат лидерите“, рече тој.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјави дека српската делегација инсистирала да се формира Заедница на српските општини бидејќи целосно го решава финансирањето на српските институции што е предвидено во договорот, нагласувајќи притоа дека проблемите мора да се решаваат со дијалог, а не со унилатерални мерки.

Петковиќ исткна дека второ важно прашање било прашањето за динарот, со оглед на одлуката на Приштина да го укине динарот, што, како што рече, „е тешко за српскиот народ“, а се разговарало и за сите насилни потези во поглед на деветмесечното ембарго за српски производи.

„Бисљими инсистираше на некаква оптимизација на Охридскиот договор, ние на формирање на ЗСО, бидејќи го потпишаа Белград и Приштина и ЕУ. Видете што се случува кога нема ЗСО. Да не зборуваме дека Србите го напуштаат Косово, што е со изборите на север, разговаравме за се детално и дека решенијата треба да се бараат со дијалог,“ рече тој.

Главниот преговарач на Приштина, Бесник Бисљими, пак, рече дека Приштина и Белград до петок ќе испратат предлози за решавање на проблемот со динарот и оти очекува за тоа да се разговара следната недела.

Бислими рече дека најголемиот дел од денешната дискусија со Петковиќ се однесувал на можностите за спроведување на основниот договор од Брисел и неговиот анекс од Охрид, постигнати пред една година меѓу косовскиот премиер Курти и српскиот претседател  Александар Вучиќ.

 

Слични содржини