Специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, денеска пристигна во Приштина и по пристигнувањето изјави дека дијалогот во Брисел е важен, затоа што иднината на Косово е во Европската Унија.

Тој пред новинарите во Приштина рече дека ги знае датумите на состаноците за продолжување на дијалогот во Брисел, но дека засега не може да ги објави, пренесува Танјуг, повикувајќи се на косовските медиуми.
„Имам датуми, но засега не можам да ги објавам, затоа што морам да координирам со партнерите и немаме време за губење“, рече Лајчак.
Состанок во Вашингтон на 27 јуни
Како што изјави, тој е свесен за состанокот на претставниците на Србија и на Косово во Вашингтон на 27 јуни, но според него, најважно е да се започне дијалогот, бидејќи иднината на Косово е европска.
Предвидено е Лајчак да се сретне во Приштина со претседателот Хашим Тачи и косовскиот премиер Авдулах Хоти, како и со претседателот на косовското собрание, Вјош Османи.