По објавата на граѓаните кои обвинува дека ЈП „Лајка“ им го земала миленикот и им побарала паричен надомест за да си го земат од стационарот, од претпријатието излегоа со реакција во која стои дека не добиле валиден документ со кој сопствениците ја докажала сопственоста на кучето.
-Во однос на надлежностите на ЈП Лајка Скопје, Ве известуваме дека Согласно Законот за благосостојба на животните, член 28, став 1 – „Општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје, се надлежни да вршат собирање на бездомните кучиња, односно нерегистрирани кучиња и регистрирани кучиња доколку ги затекнат на јавни површини без присуство на сопственикот и привремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта. Во овие објекти треба да се обезбеди елементарна заштита на животните од непогодни временски услови и да се обезбеди нивно ефикасно затворање.
“ Согласно став 3 од горецитираниот член – „Прифатилиштата треба да обезбедат спроведување на соодветни мерки и персонал со цел за ефикасна заштита на животните, редовно хранење и напојување и доколку е неопходно лекување на животните. За контрола на популацијата на бездомните кучиња, општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје треба заловените бездомни кучиња привремено да ги смести во прифатилиште каде кучињата треба да се кастрираат, односно ојаловуваат, здравствено се третираат, на нив да се изврши превентивна здравствена заштита и тест за социјализација согласно со прописите од областа на ветеринарното здравство.“
Доколку се јави сопственикот на кучето, согласно Ценовникот за утврдување на цените на активности, производи и услуги на Јавното претпријатие за благосостојба на животни скитници на ЈП ЛАЈКА Скопје, и Член 28, став 5 од Законот за заштита и благосостојба на животните, според кој „Трошоците за заловување и третман на регистрираните и нерегистрираните кучиња се на товар на сопствениците на кучиња“, се закажува средба со сопственикот, се изготвува фактура за извршените услуги од наша страна и доколку истата биде подмирена од страна на сопственикот на нечипираното куче, кучето му се предава, со аплициран микрочип во ветеринарната амбуланта на ЈП Лајка, кастрирано/стерилизирано и со пасош.
По однос на денешните невистини кои се шират на социјалните мрежи сакаме да и соопштиме на јавноста дека: Посоченото куче е заловено од страна на ЈП Лајка по претходна пријава од полициската станица во општина Аеродром и за истото имаме претставка дека ја загрозило безбедноста на неколку наши сограѓани и нападнало домашен миленик.
По интервенција на полицијата која неможела да се справи со случајот, постапено е од страна на ЈП Лајка и на ден 01.01.2021 година кучето е заловено и сместено во прифатилиштето.По прегледот констатирано е дека кучето нема аплицирано микрочип, со што и нема законски утврден сопственик и истото подлежи на хуман третман како и секое бездомно куче согласно закон и правилник.
Согласно член 12, став 4 од ЗАКОН ЗА ИДЕНТИФИКАЦИЈА И РЕГИСТРАЦИЈА НА ЖИВОТНИТЕ, средства за идентификација на домашните миленици се:
– микрочип во согласност со ИСО стандардите 11.784 и 11.785 и
– пасош (документ за идентификација);
Член 18 Идентификација и регистрација на домашни миленици (1) Одгледувачот на домашен миленик треба да го идентификува животнотно во рок од шест месеци од раѓањето со средства за идентификација согласно со членот 12 став (1) точка 4 од овој закон. (2) По исклучок од ставот (1) на овој член кучињата за кои не може да се утврди сопственоста и се движат слободно ќе се обележуваат согласно со прописите од областа за благосостојба на животните.
Согласно член 27 од Законот за заштита и благосостојба на животните, сопствениците на кучиња се должни да ги пријават своите кучиња еднаш годишно во ветеринарните амбуланти, клиники и болници кои се овластени за спроведување на ветеринарно здравствена заштита од јавен интерес во нивното место на постојан престој, со цел да ги регистрираат и идентификуваат, како и да ги исполнат одредбите во однос на здравствената заштита согласно со прописите од областа на ветеринарното здравство. Трошоците за овие постапки се на товар на сопствениците на кучињата.
Неколку денови по заловувањето на посоченото куче се појавија неколку различни лица, кои се декларираа како сопственици на кучето, по што следуваа низа закани, притисоци, лобирања и попречување на работата на претпријатието за кучето да се земе некастрирано и без да се плати фактурата кон претпријатието, со што бараа од нас да постапиме незаконски и услугите да бидат на товар на претпријатието, односно трошоците за заловување, тестови, кастрација и престој да бидат подмирени од пари на граѓаните. Потенцираме дека никогаш не добивме валиден документ со кој би се докажала сопственоста кучето и покрај тоа што истото го побаравме и телефонски и на нашата електронска адреса во насока на побрза разрешница на случајот.
Сакаме да нагласиме дека посоченото куче го помина целосно хуманиот третман и многу внимателно е работено со него. Го социјализиравме со други кучиња и луѓе, со цел во иднина да не се повтори нападот кон други кучиња и граѓани како во случајов. Истиот е во добра здравствена состојба.ЈП ЛАЈКА СКОПЈЕ е сервис на сите граѓани, не само на одредени групи или поединци и работи согласно закон и прописи, стои во соопштението на „Лајка“.