Lamborghini го претстави Temerario GT3

од Vladimir Zorba
6 прегледи

Lamborghini го искористи Фестивалот на брзината во Гудвуд за да го претстави новиот Temerario GT3.

Тоа е првиот тркачки автомобил базиран на наследникот на Huracan, кој ќе го има своето натпреварувачко деби на 12-часовната трка Себринг во март 2026 година.

Тркачкиот автомобил е дизајниран, развиен и произведен во фабриката во Сант’Агата Болоњезе. Доби каросерија од карбонски композитен материјал, која е развиена во соработка со одделите Squadra Corse и Lamborghini Centro Stile и е многу слична на производствениот модел, но вклучува голем број подобрувања за оптимизирање на аеродинамиката, стабилноста и ладењето.

Lamborghini не навлезе во детали, но е познато дека автомобилот има истакнат преден сплитер со аеродинамични елементи, како и редизајнирани отвори за воздух, вентилирана хауба и централна светлосна лента.

Temerario GT3 има тркачка суспензија која користи нови шестосмерни амортизери на KW, додека други значајни карактеристики вклучуваат поширока трага на тркалата и подолго меѓуоскино растојание во споредба со Huracan GT3 Evo2.

Автомобилот е напојуван од 4,0-литарски двоен турбо V8 мотор, исто како и моделот за пат, но тркачката верзија ги отфрли plug-in хибридните компоненти, како и електричниот мотор поставен напред. Тоа не се сите промени, бидејќи GT3 користи помал турбополнач и редизајниран филтер за воздух. Инсталиран е и нов издувен систем Capristo, како и рекалибрирана контролна единица на моторот.

Благодарение на сите споменати промени и регулативи за трки, моќноста на двоен турбо V8 моторот е намалена од 8000 на 550 КС. Намалувањето е уште поголемо ако се земе предвид комбинираната моќност од 920 КС.

Системот за гориво е надграден за да се зголеми протокот на гориво и да се забрзаат застанувањата во боксот. Модифицираниот резервоар има нов сензор за гориво, кој ветува поточни мерења.

Lamborghini сè уште работи на автомобил кој има тешка задача пред себе, бидејќи неговиот претходник освои 96 титули и продаде повеќе од 200 примероци.

Слични содржини