Израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид оцени дека новоизбраниот претседател на Иран, Ебрахим Раиси, е посветен на нуклеарните амбиции на режимот во Техеран.
„Новиот претседател на Иран, познат како Касапот од Техеран, е екстремист одговорен за смртта на илјадници Иранци. Тој е посветен на нуклеарните амбиции на режимот и неговата кампања за глобален терор“, објави Лапид на Твитер во саботата вечерта.
Во посебна изјава од Министерството за надворешни работи на Израел се вели дека изборот на Раиси треба „да предизвика сериозна загриженост на меѓународната заедница“, објавија израелските медиуми.
Портпаролот на израелското министерство Лиор Хајат оцени дека Раиси ќе биде најекстремниот претседател на Иран во историјата.
„Тој е екстремистичка личност, посветена на брзиот напредок на воената нуклеарна програма и неговиот избор придонесе за појаснување на вистинските малигни намери на Иран“, рече портпаролот.
Во четвртокот, израелскиот министер за одбрана Бени Ганц изјави дека Израел и САД работат брзо на засилување на надзорот над нуклеарната програма на Техеран, предупредувајќи дека „сите опции се во прашање“, алудирајќи на подготвеноста на Израел да започне воен удар за да спречи Иран да снабдува нуклеарно оружје.