По ерупцијата на вулканот на полуостровот Рејкјанес во југозападен Исланд, лавата денеска стигна до источната одбрана на малиот евакуиран град Гриндавик, пренесува Би-би-си цитирајќи ги локалните медиуми.
Силни и брзи текови на лава почнале да течат доцна синоќа, но властите велат дека оттогаш значително се намалиле, а сктивноста околу пукнатината првично долга три километри, исчезнала. Метеоролошката канцеларија на Исланд соопшти дека потоците лава сè уште течат, но со намалена брзина.
Три куќи во овој град беа уништени минатиот месец кога растопена лава избликна низ две пукнатини создадени од вулканскиот систем Сварценги. На 10 ноември, соочени со алармантен број земјотреси и сомневања за магма под градот, властите на Исланд наредија евакуација на Гриндавик, дом на околу 3.800 жители.
Некогаш просперитетно рибарско село со активни спортски тимови и младо население, Гриндавик сега е празен. Неговите жители побегнаа и почнуваат да се соочуваат со сознанието дека можеби никогаш повеќе нема да можат да живеат таму. Толку неизвесна е нивната иднина што една жена рече дека сака нејзиниот дом да го проголта лава.
Вулканот на исландскиот полуостров Рејкјанес еруптираше вчера по четврти пат од декември, исфрлајќи голема количина лава во воздухот. Се верува дека ова е најсилната ерупција од декември. Во изминатите три години, полуостровот беше сведок на пет вулкански ерупции.
Во јужниот дел на Исланд од синоќа е во сила вонредна состојба. Директорот на Исландската цивилна одбрана, Видир Рејнисон, изјави дека е направено се што можело да се направи и дека сега најголема грижа е како лавата ќе влијае на инфраструктурата.
Луѓето беа евакуирани и од популарното туристичко место, спа центарот Сина Лагина. Вулканот последен пат еруптираше на почетокот на февруари, што доведе до прекин на централното греење за 20.000 луѓе, а лавата уништи патишта и цевководи.
Ова е седма ерупција во областа Рејкјанес од 2021 година. Исланд е сеизмичко и вулканско жариште бидејќи се наоѓа помеѓу евроазиските и северноамериканските тектонски плочи, кои се движат во спротивни насоки. На Исланд има повеќе од 30 активни вулкани.