Лавров: ЕУ нема да успее да ја „избрка“ Русија од Централна Азија

од Nikola Popovski
216 прегледи

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека Европската унија се обидува да ја „избрка“ Русија од Централна Азија, но дека „нема да успее“, во интервјуто објавено денеска непосредно по посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на регион.

-Европската унија не ја крие својата намера да не заузда на секој можен начин, да не исфрли од Централна Азија и Јужен Кавказ. Нема да успее, Русија нема да исчезне, изјавил тој во интервју за руската државна телевизија, чиј дел беше објавен на социјалните мрежи на новинарот што го интервјуираше Павел Зарубин.

– Историски сме биле присутни и никаде нема да исчезнеме. И нашите партнери и нашите сојузници тоа многу добро го знаат, рекол Лавров.

Тој ги коментирал зборовите на францускиот претседател Емануел Макрон, кој го пофали Казахстан затоа што одбил да биде нечиј вазал, особено Русија. Лавров оцени дека тоа се прилично силни зборови за дипломатски јазик.

На почетокот на ноември, Макрон го посети Казахстан, а потоа и Узбекистан, две поранешни советски републики во Централна Азија каде Париз сака да го зајакне своето присуство.

Минатата недела и рускиот претседател Владимир Путин го посети Казахстан и ја нарече таа земја „најблискиот сојузник“. Неговиот портпарол Дмитриј Песков оцени дека Западот развива врски со некои земји за да се спротивстави на влијанието на Москва.

Слични содржини