Лавров го поддржа Додик и го обвини Западот за кризата во БиХ

„Остро ги осудуваме обидите за отстранување од власт на српските лидери кои се непожелни за Западот, а особено на нашиот денешен соговорник, нашиот пријател, легално избраниот легитимен претседател на Република Српска, преку измислени кривични случаи“, рече Лавров

од Vladimir Zorba
22 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/СРНА

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик ги повторија своите претходни ставови дека „комплицираните односи во БиХ се резултат на грубото мешање на Западот во внатрешните работи на Босна и Херцеговина“. Двајцата денеска се сретнаа во Москва.

На прес-конференција, Лавров ги повтори своите критики кон високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит, повторувајќи дека Шмит „нема мандат од Советот за безбедност на Обединетите нации“ и дека тој „се обидува да наметне одлуки и закони по налог на Западот“.

„Остро ги осудуваме обидите за отстранување од власт на српските лидери кои се непожелни за Западот, а особено на нашиот денешен соговорник, нашиот пријател, легално избраниот легитимен претседател на Република Српска, преку измислени кривични случаи“, рече Лавров.

Централната изборна комисија на БиХ му го одзеде мандатот на Додик како претседател на РС по конечната пресуда на Судот на БиХ, за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ. Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавни функции во Босна и Херцеговина на почетокот на август.

Лавров објави дека Русија ќе го преземе претседателството со Советот за безбедност на ОН во октомври 2025 година и најави седница за ситуацијата во Босна и Херцеговина за 31 октомври, „кога нашите колеги во Советот ќе мора да одговорат на многу непријатни прашања за Босна и Херцеговина“.

Додик рече дека „Босна и Херцеговина никогаш не донела одлука за воведување санкции врз Руската Федерација, бидејќи Република Српска го спречила тоа преку своите претставници“.

Додик поголемиот дел од своето медиумско обраќање му го посвети на високиот претставник Кристијан Шмит.

„Високите претставници разрешија над 900 избрани претставници во Босна и Херцеговина, од кои две третини се од Република Српска. Република Српска остана посветена на „словото“ од Дејтонскиот договор, додека Западот го користеше таканаречениот „дух“ на договорот. Со години имаме неименуван странец по име Шмит преку кого тие наметнуваат одлуки“, рече Додик.

Додик, меѓу другото, рече дека нема злонамерно руско влијание во БиХ.

Тој неодамна во интервју за рускиот „Спутник“ објави дека ќе се сретне со Владимир Путин, рускиот претседател, во октомври.

Како што Додик рече тогаш, тој ќе побара од Русија да стави вето на продолжувањето на мировната мисија на Европската унија во Босна и Херцеговина, ЕУФОР Алтеа, за која се гласа секој ноември во Советот за безбедност на Обединетите нации, пренесе РСЕ.

На 4 септември, Додик се сретна и со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој го претстави како претседател на Република Српска, поради што Министерството за надворешни работи на БиХ испрати протестно писмо. Во недела, на пат кон Москва, тој се сретна и со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград.