Лавров и Дачиќ: Не сакаме нова криза на Балканот

Ивица Дачиќ, од своја страна, рече дека Србија ѝ е благодарна на Русија за поддршката што ја дава кога станува збор за територијалниот интегритет и суверенитет и прашањето за Косово и Метохија,

од Бети Божиноска
360 прегледи

Ги цениме односите што се развиваат меѓу Руската Федерација и Србија и заинтересирани сме да слушнеме од вас оценка за ситуацијата на Балканот, каде што сè стана комплицирано, изјави министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, денеска на средбата со својот српски колега, Ивица Дачиќ, кој пристигна во Москва.

Шефот на руската дипломатија посочи дека Русија не е заинтересирана за нова криза на Балканот и оцени дека Москва е задоволна од тоа како, заедно со Србија, се реализираат проектите во сферата на трговијата, инвестициите, спортот и во хуманитарниот сектор.

Лавров најави дека во текот на денот Дачиќ ќе разговара за натамошната билатерална соработка и за интеракцијата на меѓународните платформи. Двајцата дипломати денеска ќе присуствуваат и на пријателскиот фудбалски натпревар меѓу српската и руската репрезентација и додаде дека стадионот ќе биде полн, бидејќи има голем интерес за овој натпревар.

„Сметаме дека е недозволиво да се политизира спортот иако Западот со поддршка на меѓународни претставници продолжува со таквата политика и не изгледс дека наскоро ќе се откажат од тоа“, посочи шефот на руската дипломатија.

Според Лавров, „таа политика во основа ја отсликува тенденцијата на колективниот Запад, на чело со САД, да ги политизира сите меѓународни односи, пред сè трговските и економските односи, со што ги дискредитира институтите создадени по Втората светска војна за да се регулираат глобалните процеси – ММФ, Светската банка и Светската трговска организација.“

Како пример за сето тоа Лавров ги наведе санкциите што Западот ги воведува против сите оние кои се борат за својата независност и додаде дека затоа е исклучително важна колективната соработка во рамките на ОН, за која, според неговата оценка, Западот не е многу заинтересирани.

Русија, пак, како што вели, се залага за демократија и еднаквост во меѓународните односи, за што се залага најголемиот дел од светот.

Ивица Дачиќ, од своја страна, рече дека Србија ѝ е благодарна на Русија за поддршката што ја дава кога станува збор за територијалниот интегритет и суверенитет и прашањето за Косово и Метохија, по што му се заблагодари на својот руски колега за средбата и поддршката за Белград во секоја ситуација која беше важна за Србија.

„Поддршката што ни ја давате во однос на Косово и Метохија е многу важна за нас и би сакал лично да ви се заблагодарам за вашето големо разбирање и поддршка секој пат кога ќе ви се обратиме за помош. Благодарен сум за вашата помош во одржувањето на итната седница на Советот за безбедност на ОН за КиМ и за предлогот да се одржи седница по повод 25-годишнината од НАТО бомбардирањето на Југославија“, рече Дачиќ.

Тој посочи дека политиката на двојни стандарди во однос на српскиот народ и Косово доведе до нарушување на територијалниот интегритет на Србија. Според него, на средбата што ќе следи ќе има подетални разговори за настаните на Западен Балкан.

Српскиот министер за надворешни работи ја истакна и важноста на економската соработка меѓу Белград и Москва.

„За нас се од големо значење економските односи со Русија. Односите во енергетската сфера ни се особено важни. Односно, во сферата на нашиот меѓусебен договор за сигурно снабдување со гас. Имаме договор кој е потпишан на иницијатива на двајцата претседатели до 2025 година“, рече Дачиќ.

Шефот на српската дипломатија денеска во улога на копретседател на мешовитиот комитет ќе се сретне и со министерот за економски развој на Русија Максим Решетников, со кого ќе покренат неколку важни теми.

Слични содржини