Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека моментно не се размислува за меѓународно признавање на талибанците.
– Прашањето за меѓународно признавање на талибанците во моментов не е на маса, изјави Лавров на прес-конференција.
Тој зборуваше на маргините на годишниот собир на светските лидери во Њујорк на Генералното собрание на ОН, а неговите коментари следуваа откако талибанците назначија претставник во ОН, при што дојде до конфликт околу претставувањето на Авганистан во ова меѓународно тело.
Талибанските власти во Кабул ги известија ОН дека Авганистан веќе не го претставува досегашниот претставник и дека тие го именувале Сухаин Шахин, портпарол на организацијата во Доха, за нов амбасадор во ОН.
Талибанците побараа да им се обратат на светските лидери на Генералното собрание на ОН во Њујорк, а министерот за надворешни работи Амир Кан Мутак испрати писмо до ОН со таково барање.