Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров му се заблагодари на членот на Претседателството на БиХ Милорад Додик за неговиот став за време на состанокот во Санкт Петербург, додека Додик рече дека БиХ не се приклучила на санкциите против Руската Федерација.
Лавров и Додик се сретнаа на маргините на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, каде лидерот на босанските Срби утре ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Како што јави Радио-телевизија на Република Српска, шефот на руската дипломатија му се заблагодарил на српскиот член на Претседателството на БиХ за неговите ставови за воведувањето санкции против Русија.
„Знам дека има многу во БиХ кои сакаат да го уништат пријателството меѓу Република Српска и Русија. Се надевав на нашата средба во Белград, но знаете зошто, за жал, тоа не се случи“, рече Лавров на средбата со Додик.
Минатата недела, посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Белград, каде што требаше да се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и Додик, беше откажана бидејќи на неговиот авион му беше забрането да лета над соседните земји.
Српскиот член на државниот врв во изјава за медиумите истакна дека БиХ не воведе санкции кон Руската Федерација, што го налути „Западот“ и затоа српската страна е под силен притисок.
„Ние сме под сериозен притисок, особено во врска со конфликтот во Украина. Од нас се бара да се приклучиме кон санкциите против Русија, но Република Српска тоа не го дозволува“, изјави Додик. Тој додаде дека на Меѓународниот форум во Санкт Петербург дошол како претставник на Република Српска.
Тој на собирот и порача на БиХ дека земјата се уште е нестабилна бидејќи е под протекторат на западниот свет.