Министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров, денеска соопшти дека Москва сè уште не гледа напредок кога станува збор за укинување на ограничувањата за рускиот извоз на жито и ѓубрива, и покрај враќањето на примената на договорот за Црното Море.
„Како што знаете, продолжи имплементацијата на договорот за извоз на украинско жито. Во исто време, сè уште не гледаме никаков резултат во однос на вториот дел од договорот предложен од генералниот секретар на ОН, кој вклучува отстранување на пречките на пат кон извоз на руски ѓубрива и житарки“, рече Лавров на прес-конференцијата по разговорот со вицепремиерот на Јордан, Ајман Хусеин Абдула Ал Сафади.
„Во блиска иднина треба да се преземат најсериозни чекори за да се одржи договорот, особено во вториот дел, бидејќи количината на ѓубриво и жито што се извезува од Русија е неспоредливо поголема од онаа од Украина“, рече Лавров.