Русија не сака никого да нападне, токму САД ја нападнаа Русија со помош на украинскиот режим, изјавил рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Воопшто не сакаме да нападнеме никого. САД не нападнаа користејќи го украинскиот режим: тие водат војна против нас со силите на украинските неонацисти, ги вооружуваат, им помагаат да ја таргетираат нашата територија со оружје со долг дострел, директно учествувајќи во подготовката на таквите акции. Тоа не е наш избор“, рекол Лавров на прес-конференцијата по министерскиот состанок на ОБСЕ во Малта.
Тој го цитирал рускиот претседател Владимир Путин како постојано вели дека „Русија немала друга опција освен да ја започне „специјална воена операција“.
„Тие работеа на тоа долго време, претворајќи ја Украина во платформа за закани против Русија“, посочи рускиот министер.
Лавров, исто така, порачал дека фантазирањето за испраќање странски војници во Украина само ќе ја влоши ситуацијата, а оние кои носат такви мисли не сакаат да ги слушаат предупредувањата кои рускиот претседател ги упати безброј пати.
„Сите овие фантазии само ја влошуваат ситуацијата и покажуваат дека оние кои упорно носат таква мисла не сакаат да ги слушнат многу јасните предупредувања кои претседателот Путин многупати јавно ги кажа“, вели Лавров.
Според него, сите проблеми во односите меѓу Русија и Америка настанале затоа што Вашингтон не си го држи зборот.
„Не е можно да се постигне договор со нив“, кажал тој.
Како што навел, односите меѓу Русија и Западот нема да се вратат во состојба пред почетокот на 2022 година.
„Москва никому не ја затвора вратата – доколку Западот излезе со некои предлози кои ќе се засноваат на почитување на меѓусебните интереси, ќе погледнеме и ќе извлечеме заклучоци од содржината на таквите предлози“, нагласил тој.
Дипломатот истакнал дека Западот агресивно го промовира прашањето за Украина во сите меѓународни организации, вклучувајќи ја и ОБСЕ.