Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров денеска ги отфрли обвинувањата на британскиот таблоид „Сан“ дека Русија наводно ја украла формулата за вакцината „АстраЗенека“ против коронавирусот како неоснована и изрази сомнеж дека некој такво нешто ќе го сфати сериозно.
– Веќе не сум изненаден од ништо. Што се однесува до нашите британски, па дури и повеќето други западни партнери, не мислам дека некој сериозно ќе ги сфати овие неосновани обвинувања – рече Лавров, пренесе „Спутник“.
Тој посочи дека многу случаи на негативни несакани ефекти, како што е тромбоза, се пријавени со вакцината „АстраЗенека“, додека, кога станува збор за „Спутник В“, таков случај не е пријавен.
– Верувам дека сите заинтересирани сами ќе си направат заклучоци – рече Лавров.
Британски „Сан“, повикувајќи се на свои извори, објави дека Русија наводно ја украла формулата за вакцината на компанијата „АстраЗенека“ и ја искористила за развој на руската вакцина против ковид „Спутник В“.
Директорот на Центарот „Гамалеј“, кој ја произведува оваа вакцина, Александар Гинзбург, во април изјави дека верзијата за кражба на формулата е „најсмешниот мит за Спутник В“.