Лавров: Русија ќе распореди дополнително оружје како одговор на проширувањето на НАТО

од Nikola Popovski
213 прегледи

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров денеска во Анталија изјавил дека Русија ќе распореди дополнително оружје во новоформираните воени окрузи во Москва и Ленинград како одговор на влезот на Финска и Шведска во НАТО.

„Веќе донесовме организациски одлуки, формирани се Московскиот воен округ и Ленинградскиот воен округ. Таму ќе биде распоредено дополнително оружје кое ќе биде адекватно на предизвиците што може да се појават на територијата на Финска и Шведска“, нагласил Лавров на прес-конференцијата.

Според него, со влезот на Финска и Шведска во НАТО, пропаднале децениските добрососедски односи меѓу тие земји и Русија, пренесе РИА Новости. Лавров, говорејќи за конфликтот во Појасот Газа, истакнал дека Израел се уште не ја променил целта целосно да ја „исчисти“ таа палестинска енклава од членовите на Хамас.

Лавров изјавил дека пред муслиманскиот празник Рамазан, Израел се подготвува да започне воена операција во градот Рафах, каде се наоѓаат околу две третини од жителите на Појасот Газа, од кои повеќето избегале од борбите во другите делови на енклавата.

Лавров посочил дека во случај на израелски напад, голем број Палестинци ќе заминат во Египет, што, како што наведе, во суштина би било „етничко чистење“. По завршувањето на Дипломатскиот форум во Анталија, Лавров истакнал дека идејата на САД и на голем број западни земји да ја прогласат Палестина за членка на Обединетите нации нема сама да го реши конфликтот на Блискиот Исток.

Зборувајќи за војната во Украина, Лавров посочил дека Русија не ја гледа добрата волја на Западот да постигне мирно решение и додаде дека Москва е посветена на постигнување такво решение. Лавров нагласил дека Русија не се потпира премногу на помошта на Швајцарија во мировниот процес за Украина, бидејќи таа земја, како што наведе, „одамна ја изгубила својата неутралност“.

Тој потсетил на неодамнешната изјава на шефот на Пентагон, Лојд Остин дека, доколку Украина биде поразена, НАТО ќе биде принуден да дејствува против Русија, како и изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за можноста за испраќање европски трупи на украинска територија.

„Овие трендови на Запад, меѓу западното раководство, се разбира, ги поништуваат сите уверувања дека Западот е заинтересиран за некакво политичко решение… Има многу факти дека Западот ја води работата кон воено решение“, кажал Лавров.

Слични содржини