Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров даде интервју во понеделникот во кое ја спомена крајната цел на инвазијата.
Тој за државната телевизија „Русија 24“ изјави дека ставот на Русија е променет и дека повеќе нема да има прекини на огнот поради преговорите. Дел од интервјуто за воените цели, сепак, некако и избега на јавноста.
Шефот на руската дипломатија рече дека нападот врз Украина има за цел да го прекине патот кон „целосна доминација на САД и другите западни земји“.
„Нашата специјална воена операција е дизајнирана да стави крај на непромислената експанзија и непромислениот пат кон целосна доминација на САД и останатите западни земји под нив на меѓународната сцена“, рече тој.
Лавров изјави дека „таквата доминација се гради со грубо кршење на меѓународното право“.
„Во Косово е можно да се признае независноста без референдум, но на Крим, како резултат на референдумот, кој го набљудуваа стотици објективни претставници на странски земји, јавноста на странските земји, тоа е невозможно. Во Ирак, на десет илјади километри од САД, замислија закана за нивната американска безбедност, го бомбардираа, не најдоа никаква закана, дури и не се извинија“, рече Лавров.
„И кога неонацистите и ултрарадикалите се на нашите граници, се создаваат десетици биолошки лаборатории по моделот на Пентагон, спроведувајќи некои експерименти кои првенствено се насочени кон создавање биолошко оружје – пронајдени се документи кои не оставаат сомнеж – тогаш оваа закана е на нашите граници, а не преку океанот“, продолжи тој.
Тој повторно ги нарече измислени и провокативни извештаите за руските воени злосторства врз цивилите во Буча и Крематорск. Тој исто така изјави дека некои луѓе во фрагментираниот Донбас „со години живеат под неонацисти“.