Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров денеска изјави дека западните земји се обидуваат да ја политизираат заедничката декларација на самитот на Групата 20 најголеми економии во светот (Г20).
Во нацртот на завршната декларација од самитот на лидерите на Г-20, кој започна денеска, се наведува дека мнозинството членки најостро ја осудуваат војната во Украина и нагласуваат дека таа ја влошува нестабилноста во глобалната економија, пренесе Ројтерс, истакнувајќи дека имале увид во предлог-документот.
Лавров на новинарите во Бали, каде што ја предводи руската делегација на самитот на Г-20, изјави дека работата на финалниот документ е при крај и дека западните земји се обиделе на секој начин да ја политизираат декларацијата, така што таа подразбира осуда на руската акција во име на целата Г20, односно и самата Москва, пренесува РИА Новости.
Тој додаде дека Русија инсистирала во завршната декларација да се наведе дека позициите на членката на Г20 за прашањето за Украина се разликуваат.
Шефот на руската дипломатија објави и дека денеска разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц за конфликтот во Украина и дека им го привлекол вниманието на тоа дека Киев го одложува секое можно решение.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во видео обраќање ги повика учесниците на самитот Г20, вклучително и американскиот претседател Џозеф Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг, да ја усвојат украинската мировна формула од 10 точки и да ја завршат војната „праведно и на основа на Повелбата на ОН и меѓународното право“.
Во своето денешно обраќање за печатот, рускиот министер истакна дека Украина одбива да разговара со Москва и дека предлага нереални услови за мир.
Лавров рече дека Зеленски „не ги слуша западните совети за преговорите со Русија“ и дека неговата реторика при обраќањето до лидерите на Г-20 е „русофобична и агресивна“, истакнувајќи дека Москва не се откажува од преговорите со Киев, пренесе РИА Новости.