Лазаров: Уште постојат стереотипи дека жените се лоши и небезбедни возачи

од Маја Анчевска

И покрај тоа што статистиката потврдува дека жените се безбедни возачи, дека брзото и агресивно однесуваање во сообраќајот не е својствено за жените, дека  ретко може да се види жена да ги потценува последиците од  управување на моторно возило под дејство на алкохол, сепак  и покрај сите  општествени  напори,  за жал,  се уште постојат одредени суптилни форми на стереотипи  за тоа дека жените се лоши и небезбедни возачи, вели во интервју за „Локално“, Владимир Лазаров, секретар во Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Според Лазаров стресот, нефокусираноста, расеаноста, невнимателноста, го зголемуваат ризикот кај секој возач, а особено кај возач почетник, да предизвика сообраќајна незгода.

– Истражувањата потврдуваат дека младите возачи и возачите почетници најчесто користат мобилен телефон и возат со одвлечено внимание, вели секретарот.

Во последно време се почесто има сообраќајни прекршоци и незгоди, која е  причината за истите, можеби станува збор за несовесно однесување?

– Сообраќајните незгоди се сериозен општествен проблем на  сите современи општества вклучително и на Република Северна Македонија. Динамиката на живеење и континуираниот раст на бројот на возачи и бројот на возила придонесува за раст на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди на светско ниво. Според статистиката на СЗО годишно на светско ниво околу 1,3 милиони лица  го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 50 милиони  се повредени во сообраќајни незгоди.

Безбедноста на сообраќајот на  патиштата  во Северна Македонија бележи тренд на подобрување но, сепак не може да се каже дека безбедноста на сообраќајот во Северна Македонија е на потребното и посакуваното ниво.  Во Република Северна Македонија во 2020 година, 125 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди, а според последните податоци од МВР за 2021 година бројката на загубени животи во сообраќајни незгоди продолжува да се намалува. Според статистиката најважни причини за сообраќајните незгоди се: возење под дејство на алкохол, брзо возење, замор, стрес, некористење на заштитна опрема и преминување на необележани пешачки премини.

Сообраќајните незгоди претставуваат сериозен извор на опасности чии последици се голем број на загинати и повредени лица и големи материјални штети. Сообраќајните незгоди претставуваат водечка причина за смртност кај децата и младите.

Дали жените или мажити се посовесни возачи?

– Да се биде жена возач,  денес во 21 век,  не е ниту привилегија, ниту демонстрирање на општествен статус, ниту културен манир или  моден детал, туку едноставно, тое  е потреба и сериозна обврска.   Динамиката на живеење и секојдневните  и бројни обврски кои современата жена треба да ги исполни во еден работен ден и во рамките на семејството ја прават жената сигурна, цврста, решена, упорна и успешна во сите сфери на општествено живеење,  па и во возењето.

И покрај тоа што статистиката потврдува дека жените се безбедни возачи, дека брзото и агресивно однесуваање во сообраќајот не е својствено за жените, дека  ретко може да се види жена да ги потценува последиците од  управување на моторно возило под дејство на алкохол, сепак  и покрај сите  општествени  напори,  за жал,  се уште постојат одредени суптилни форми на стереотипи  за тоа дека жените се лоши и небезбедни возачи.

Улогата и значењето на  жената за безбедноста  во сообраќајот не се ограничува само на нејзиното влијание  како возач и како учесник во сообраќајот. Сообраќајната култура, етика, навиките на однесување во сообраќајот се учат од најмали нозе, а тука улогата на жената како мајка, родител, старател, воспитувач и едукатор  отсекогаш била и ќе остане  неприкосновена.

Пред некој месец, млада наша сограѓанка го загуби својот живот на пешачки премин, исто така од млад возач. Како да се зголеми свеста кај младите возачи и дали и домашната сообраќајна култура игра улога во тоа?

– Сообраќајната култура е мошне важен елемент на безбедноста во сообраќајот и не претставува само познавање на сообраќајните правила и прописи и поседување на вештини и  умеење да се управува со возило, туку истовремено  претставува и навика на нивно редовно и безусловно почитување и применување. Со други зборови, сообраќајната култура  претставува  начин на перцепирање на односите во сообраќајот, начин на  движење и однесување во сообраќајот кој треба да биде во насока  на  исполнување на општите и заеднички  интереси на сите учесниците во сообраќајот, а тоа е непречено и безбедно одвивање на  сообраќајот.

Културата и етиката во сообраќајот се учат од мали нозе.  Самиот  процес на едукација е далеку полесен процес од процесот на промена на навиките и културата во сообраќајот. Токму затоа неопходно е да ги учиме децата на сообраќајна култура од најрана возраст.  Искуството покажува дека ги учиме децата на многу работи,  а недоволно ги учиме за тоа како да бидат безбедни и примерни учесници во сообраќајот. Сообраќајната култура е дел од личноста на еден човекот и  претставува одраз на  неговиот карактер и како човек и како  учесник во сообраќајот.

Карактеристично е тоа што најголем дел од учесниците во сообраќајот се единствени во ставот дека сообраќајната култура и етика не се на потребното и на посакуваното ниво, но за жал  речиси сите  ги бараат причините, вината и пропустите кај другите, а истовремено заборавајки дека сообраќајот е сложен систем, мозаик во кои сите ние партиципираме.

Учество во сообраќајот е дејствие кои сите ние секојдневно го реализираме како пешаци, велосипедисти, мотоциклисти, возачи на моторно возила, патници, итн. За сите учесници во сообраќајот постојат јасно дефинирани и прецизни правила и прописи кои сите треба да ги знаат, но и да ги почитуваат. Унапредување на културата, етиката и толеранцијата во сообраќајот значително ќе придонесе за побезбеден и посмирен сообраќај, односно ќе придонесе за помалку сообраќајни незгоди, помал сообраќаен метеж и помалку настрадани лица на улиците и патиштата.

Дали во училишта има предавања или имате во план да се спроведувуваат некои обучни активности со цел да се зголеми свеста на учениците, зошто  и пешачите се сообраќајни учесници?

– Ги учиме децата да бидат воспитани и културни. Да имаат позитивни манири, да ги почитуваат и поздравуваат повозрасните, да бидат добри ученици, да ја чуваат животната средина. Знаењето е богатство и секое знаење е добредојдено.

Се поставува прашањето,  дали доволно ги учиме децата за тоа како да се однесуваат во сообраќајот, како безбедно да ја поминат улицата, како да ги препознаат ризикот и опасностите во сообраќајот?

РСБСП секоја година најголемо внимание посветува токму на децата и младите и нивната безбедност во сообраќајот. Преку своите кампањи, а во сорабортка со МВР, општинските совети за безбедност во сообраќајот на патиштата и другите партнери, во огромен број на училишта ширум државата организира едукативни предавања од областа на безбедноста во сообраќајот. Поделен е огромен број на едукативни материјали и организирани обуки за безбедно управување со велосипед, тротинет и мотоцикли. РСБСП изготви и едукативни спотови за најмладите учесници во сообраќајот и истите се емитуваат на повеќе национални телевизии низ државата.

Секое незнаење има своја цена, незнаењето во сообраќајот чини загубени човечки животи. Затоа РСБСП располага со совети и препораки за родителите: Секој родител/старател има обврска да го информира и да го запознае детето со основните правила и прописи во сообраќајот и со опасностите што секојдневно го демнат, научете го детето каде треба да се движи и како безбедно да ја помине улицата или крстосницата, покажете му на детето како безбедно да користи јавен превоз, покажете му го на детето најбезбедниот пат од дома до училиште и обратно и научете го како безбедно да се движи по тој пат, децата од предучилишна возраст не ги оставајте самостојно да се вклучуваат во сообраќајот, контолирајте ги децата и бидете сигурни дека користат системи за пасивна безбедност – детски седишта, појаси, заштитни шлемови и сл., не дозволувајте деца на возраст до 12 години да седат на предното совозачко седиште, не дозволувајте деца до 10 годишна возраст да возат велосипед на јавен пат или на улица и како родители, секогаш можете да влијаете и да контролирате како вашите деца учествуваат во сообраќајот.

Доколку возочат се најде во стресна состојба како да постапи при управување со возило?

Стресот, нефокусираноста, расеаноста, невнимателноста  ‒ го зголемуваат ризикот кај секој возач, а особено кај возач почетник, да предизвика сообраќајна незгода.  Истражувањата потврдуваат дека младите возачи и возачите почетници најчесто користат мобилен телефон и возат со одвлечено внимание. Согласно со тоа,  советот до оваа категорија возачи е: да не преземаат активности кои можат да  го одземат вниманието додека се вози, како што се: зборување на мобилен телефон, испраќање порака, јадење или играње со радиото. Исто така да не се вози под стрес и да се застане и да се направи пауза. Последиците од нефокусирано, расеано возење  најчесто се фатални.

Дали со парични казни може да се намалат сообраќајните прекршоци, каква е нашата реална пракса од тоа?

– Безбедноста на сообраќајот на патиштата е врвен приоритет на РСБСП и МВР. Граѓаните може да забележат дека сообраќајните контроли се секојдневно присутни на улиците и патиштата, а паралелно со тоа се реализираат континуирани сообраќајно превентивни и едукативни активности, а се со цел зголемување на сообраќајната култура на сите учесници во сообраќајот.

Важно е граѓаните да знаат дека целта на сообраќајните контроли е да се подигне дисциплината и одговорноста во сообраќајот и на тој начин да се заштити животот и здравјето на сите  учесници во сообраќајот.

М.А.

Слични содржини