Судирот меѓу Илон Маск и Сем Алтман, двајцата коосновачи на OpenAI кои сега се лути ривали, повторно се разгоре откако Маск се закани дека ќе го тужи Apple и јавно го нарече Алтман „лажго“.
Сопственикот на X тврди дека Apple направил „невозможно“ апликациите да се натпреваруваат со ChatGPT на OpenAI на App Store. Конфликтот беше предизвикан од коментарот на Алтман дека Маск ја користи својата платформа „за да се промовира себеси и своите компании“, што Маск го отфрли како невистинито.
Apple објави партнерство со ChatGPT во јуни 2024 година, но нема докази дека компанијата го фаворизира четботот на OpenAI пред своите конкуренти. Други апликации за вештачка интелигенција, како што се DeepSeek и Perplexity, исто така се на врвот на App Store.
Маск го критикува Apple за X и Grok
Во подоцнежна објава, Маск повторно го нападна Apple, прашувајќи зошто не ја промовира X платформата или својата апликација за вештачка интелигенција Grok во делот „Задолжително“. „X е апликација број еден за вести во светот, а Grok е петтата апликација во сите категории“, напиша тој во објава што ја закачи на врвот од својот X профил.
Scam Altman lies as easily as he breathes https://t.co/fxn9WuHqCb
— Elon Musk (@elonmusk) August 12, 2025
Моментално, ChatGPT е најпреземаната бесплатна апликација во Обединетото Кралство, Grok е трета, додека X не е во првите 40.
Алтман одговори со споделување на статија во технолошкиот билтен Платформер, во која се тврди дека Маск намерно ги направил своите X објави повидливи во фидовите на корисниците.
Кавга што трае со години
Кавгата меѓу Маск и Алтман трае со години, со тужби, е-пошта и навреди на социјалните медиуми. Маск јавно тврдеше дека OpenAI, под водство на Алтман, ги напуштила принципите врз кои е основана во 2015 година – развојот на вештачка општа интелигенција (AGI) со отворен код во корист на човештвото.
Иако компанијата е основана како непрофитна, во 2019 година создаде подружница со профит, што Маск го нарече предавство на нејзината оригинална мисија. Во тужба поднесена во март 2024 година, тој тврдеше дека OpenAI работи на „максимизирање на профитот“ за Microsoft, неговиот најголем инвеститор.
Маск подоцна ја повлече тужбата, но OpenAI го тужеше во април, тврдејќи дека тој „постојано користел тактики на лоша намера“ за да го забави развојот на нивната вештачка интелигенција. Компанијата, исто така, откри дека Маск бил мотивиран не од зачувување на нејзината оригинална мисија, туку од „личен интерес“.
Конфликтот достигна ново ниво во февруари оваа година, кога Маск понуди 100 милијарди долари за да го купи OpenAI – понуда што беше одбиена од одборот на директори на компанијата.