Францускиот министер за економија Бруно Ле Мер изјави денеска дека кризата поради раскинување на договорот за купување подморници покажала дека Европската унија повеќе не може да смета на Соединетите држави да ја гарантираат нејзината заштита и ги повика Европејците „да ги отворат очите“.
Првата лекција што може да се извлече од оваа епизода е дека Европската унија мора да ја изгради својата стратешка независност.
„Авганистанската епизода, епизодата со подморниците, покажува дека веќе не можеме да сметаме на САД да ја гарантираат нашата стратешка заштита“, изјави Ле Мер за „Франсинфо“.
Тој додаде дека САД имаат само една стратешка грижа, а тоа е Кина.
„Нашите европски партнери треба да ги отворат очите“, рече министерот.
Австралија го раскина договорот со Франција откако САД, Австралија и Велика Британија склучија стратешко партнерство во Индо-Пацификот, што вклучува и купување американски подморници.
Како центар на новиот пакт за безбедност, Австралија ќе набави подморници со нуклеарен погон користејќи американска технологија, еднострано раскинувајќи го договорот со Франција за изградба на 12 конвенционални дизел подморници.
Кина ја осуди „крајно неодговорната“ продажба на американски подморници со нуклеарен погон на Австралија во рамките на новото партнерство.
Пекинг ги обвини САД, Австралија и Обединетото Кралство дека покажуваат „менталитет на студена војна“ и дека користат нуклеарно оружје за геополитички цели.