Ле Пен: Ако станам претседателка, ќе распишам референдум за драстични ограничувања за имиграцијата

од Vladimir Zorba
283 прегледи

Лидерката на екстремно десничарската партија Национално собрание, Марин Ле Пен, рече дека ќе распише референдум доколку победи на претседателските избори во 2022 година.

На референдум, таа ќе предложи усвојување драстични ограничувања за имиграцијата.

Ле Пен изјави за телевизијата „Франс 2“ дека референдумот ќе предложи строги критериуми за влез на француска територија и стекнување француско државјанство, како и да им се даде приоритетен пристап на француските граѓани до социјални станови, работни места и социјални придобивки, пренесе Ројтерс.

„Референдумот ќе вклучува целосен нацрт-закон чија цел е драстично регулирање на имиграцијата“, рече Ле Пен, која ќе биде кандидат за Национално собрание на претседателските избори во април.

Референдумите се дозволени со францускиот Устав, но тие ретко се користат. Последниот голем референдум се одржа во 2005 година, кога Французите гласаа против ратификацијата на европскиот устав. Ле Пен се кандидираше во вториот круг од претседателските избори во 2017 година, но беше поразена од Емануел Макрон, кој освои повеќе од 66% од гласовите.

Макрон се уште не одлучил дали ќе се кандидира за реизбор, но анкетите на јавното мислење покажуваат дека тој и Ле Пен најверојатно би влегле во вториот круг, од кој Макрон би излегол како победник.

Слични содржини