Кандидатката за француски претседател со поддршка на партијата „Национално обединување“, Марин Ле Пен изјави дека ембаргото за увоз на нафта и гас од Русија ќе биде харакири за Европа, како и дека нема да влијае на самата Руска Федерација.
„Не треба да правиме харакири со надеж дека тоа ќе и наштети на Русија, додека таа ќе најде место за извоз на нафта и гас“, рече Ле Пен за време на телевизиската дебата со актуелниот претседател Емануел Макрон, кој се кандидира за втор мандат.
Од своја страна, Макрон го обвини својот ривал дека зависи од руската влада и претседателот Владимир Путин.
– Вие бевте првиот европски политичар кој ги призна резултатите од анексијата на Крим во 2014 година. Тоа е лоша вест за нашата земја. Зависите од руската влада, зависите од господинот Путин, рече тој.
Тој ја обвини и Ле Пен дека нејзината партија земала заем од руска банка во 2017 година, на што таа одговорила дека го направила тоа, бидејќи „ниту една француска банка не сакала да го одобри заемот“.
Во исто време, претседателската кандидатка напомена дека не се обидува да ја напушти Европската унија, туку дека сака да ја спроведе нејзината длабока реформа и повеќе да ги заштити националните интереси.
– Сакам да останеме во Европската унија, но во исто време да спроведам длабоки реформи , додаде таа.
Ле Пен заедно со Макрон ќе учествува во вториот круг од претседателските избори во Франција, кои ќе се одржат на 24 април. Првиот круг се одржа на 10 април. Во предизборната трка учествуваа 12 кандидати. Според резултатите, Макрон освоил 27,84 отсто, Ле Пен 23,15 отсто.